Оригинални примероци од женска градска облека во 19. и 20. век изложени во штипскиот Безистен

Кога богатите семејства оделе во свила и крзно низ штипските улици, предизивкувале восхит кај секој што ги гледал. Токму таков впечаток кај присутните остави и денешната изложба на женска градска облека, која се одржа во просториите на штипскиот Безистен. Збирката е од оргинални примероци од 19. и 20. век, кои се собирани на подрачјето на Штип, а кои се во сопственост на НУ Завод и Музеј – Штип.

„Можат да се раздвојат два стила на начин на облекување, едниот е ориенталниот „ала турка“, а другиот е женска градска облека или костими од самиот почеток на 19. век, познати под името „ала франга“. Може да се забележи разликата од какви материјали се правени овие два стила по европската мода“, вели Бети Иванова, виш кустос, етнолог.

Изложбата има за цел на младите и останатите присутни да им ја претстави модата од минатите два века, а не случајно се одржува токму во Безистенот. Карактеристичниот стил на облека на ова подрачје е мешавина од Истокот и Западот, а се изложува за првпат.

„Уметничката галерија „Безистен“ е одбрана, бидејќи во минатото била локација каде што бил градскиот пазар и околу Безистенот постоеле многу дуќани коишто продавале текстил и облека. Со изложбата сакавме да покажеме дека и во технолошкиот развој во 21. век, во кој длабоко сме навлезени, можеме да ги претставиме 19. и 20. век на помладите генерации, да видат дека и во тоа време, навистина, имало градска средина, имало луѓе коишто со преродбата во 19. век зајакнуваат и ја претставуваат модата којашто била мешавина и од Западот и од Истокот“, вели Штерјов.

Етнологот Иванова посочи дека кројот и стилот на градската облека може да биде и инспирација за модни креатори. На крајот на краиштата, вели Иванова, модата се враќа и нема да биде чудно ако во идно време се носи нешто слично или барем дел од она што денеска беше изложено.

Ребека Спасова М-Нет