
Тековното одржување на градскиот стадион во Штип, како и одржувањето на останатите стадиони во месноста Суитлак и Бело брдо, потрошената електрична енергија, сметките за вода, ѓубре и смет се обврска на Општина Штип. Тоа значи дека користењето на градскиот стадион во Штип од страна на ФК Брегалница не се наплаќа. Или поедноставно, Општината освен девет милион денари финансиски средства кои им ги дава на ФК Брегалница, плаќа и сметки кои минатата година биле во вредност од еден милион и 200 илјади денари.
„Тековното одржување на градскиот стадион, како и стадионите во месноста Суитлак и Бело брдо, како и потрошената електрична енергија, сметките за вода и смет, за косење на терените се обврска на Општина Штип преку своите јавни претпријатија. Меѓутоа, доколку станува збор за одигрување на натпревари од ноќен карактер, односно со употреба на рефлектори тоа исто така е регулирано во договорот и е заедничка обврска на акционерското друштво“, вели Дејан Здравков, претседател на Комисија за спорт.
Општина Штип има свој претставник во Управниот одбор на ФК Брегалница, додaва Здравков, што значи дека и тие имаат увид во расходите, односно потрошените средства на клубот.
„Општина Штип преку својот претставник во Управниот одбор има контрола во финансовото работење на клубот и за истиот поднесува квартален извештај и еднаш годишно. Ние како Општина учествуваме во 49% од договорот и со овој договор ние имаме обврска да уплатиме 9 милиони денари бидејќи клубот се натпреватува во прва лига и тоа сѐ на еднакви рати месечно. Ние преку нашиот претставник имаме контрола како наменски се трошат средствата“, додава Здравков.
Инаку, во 2021 година ФК Брегалница приходи по разни основи има 34.884.917 денари, а расходи во вредност од 31.309.000 денари. Нето добивката на клубот е 3.580.021 денар.
Лаура Стојанова М-Нет