
Во целост заврши постапката за рангирање и доделување на стипендии за редовни и вонредни ученици во индивидуалните и колективните спортови, на јавниот повик на општина Штип се пријавија 73 апликанти, дел од нив не ги исполнија условите за доделување на стипендии.
„Општина Штип после објавениот оглас за доделување на стипендии за редовни и вонредни ученици во индивидуалните и колективните спортови ја заврши постапката во целост за рангирање и спроведување на постапката односно за доделување на стипендии на сите оние спортисти кои спортски достигнувања, а воедно и резултати од успехот од школувањето. На конкурсот беа пријавени 73 апликанти, дел од нив условите не ги исполнуваат, тоа да биде поттик за сите кои учествуваа во сето оваа, сите оние спортисти, сите оние надежни ученици да продолжат да го користат бенефитот на општина Штип, со тоа што сите оние коишто се залагаат, кои спортуваат и се успешни во образованието општина Штип знае да ги награди“, вели Атанас Крстовски, претседател на комисијата за доделување на стипендии.
На овој начин општина Штип директно ги поддржува учениците спортисти во колективни и индивидуалните спортови доделувајќи стипендија за период од 12 месеци во годината.
„На седницата на 31 август е донесена одлука за доделување на овие стипендии. Воедно ги известуваме спортистите и сите ученици кои конкурираа на овој оглас дека јавниот оглас е истакнат на огласна табла во холот на општина Штип и на веб страната на општина Штип. На сите кои се добитници им честитаме и им посакуваме поголеми успеси во наредната година“, дополнува претседателот на комисијата.
18 апликанти добија стипендија од 3.000 денари во време траење од 12 месеци, на 31 апликант е доделена стипендија од 4.000 денари во време траење од 12 месеци, потоа пет ученици спортисти добија стипендија од 5.000 денари во време траење од 12 месеци, а пак двајца ученици спортисти добија стипендија од 6.000 денари во време траење од 12 месеци.
Финансиските средства за стипендиите ќе се исплаќаат од Буџетот на општина Штип за 2026 година.
Александар Ванев, М-Нет