Општина Карпош: Младите Марин и Ена Ивановски со значајни скијачки успеси

Младите скијачи од Карпош, Марин и Ена Ивановски, зад себе имаат успешна сезона исполнета со значајни резултати на домашни и меѓународни натпревари. Марин Ивановски, ученик во осмо одделение во ООУ „Димо Хаџи Димов“, во сезоната 2025/2026 година е прогласен за државен првак во дисциплините слалом и велеслалом, како и за првопласиран во генералниот пласман на Алпскиот куп при Скијачката федерација на Македонија (СФМ) во категоријата до 14 години, извести Општина Карпош.

На меѓународните натпревари, Марин го освои второто место на ФИС-трка за деца до 14 години во дисциплината велеслалом, додека во слалом, на натпреварот во Арџена, Косово, се пласираше на третото место. Успешна сезона има и Ена Ивановска, поранешна ученичка во ООУ „Димо Хаџи Димов“, која е првопласирана во генералниот пласман на Алпскиот куп при СФМ во дисциплините слалом и велеслалом. Марин и Ена се долгогодишни членови на Ски-клубот „Меденица“ – Скопје, кој е прогласен за најдобар клуб во алпско скијање во земјава, информира Општината.

Општина Карпош им упатува честитки на Марин и Ена Ивановски за постигнатите резултати и им посакува нови успеси во идните натпреварувања.

Текстот Општина Карпош: Младите Марин и Ена Ивановски со значајни скијачки успеси е превземен од МАКФАКС.