
Комарците можат да пренесуваат сериозни заразни заболувања, поради што здравствените власти ги повикуваат граѓаните да преземат мерки за заштита од нивните убоди. Најчестите заболувања што ги пренесуваат комарците се западнонилска треска, денга, Зика и маларија.
Од Институтот за јавно здравје информираат дека во Македонија повремено се регистрираат случаи на западнонилска треска, додека денга, Зика и маларија досега се евидентирани само кај лица кои се заразиле за време на престој во земји каде што овие болести се распространети.
За да се намали ризикот од убоди, од Институтот препорачуваат редовно да се отстранува застојната вода околу домовите, да се поставуваат заштитни мрежи на прозорците и вратите, да се користат средства против комарци и да се носи облека што ги покрива рацете и нозете, особено во вечерните часови кога комарците се најактивни.
На граѓаните кои патуваат во земји каде што овие заболувања се присутни им се препорачува да ги следат здравствените препораки, а доколку по враќањето добијат покачена температура, главоболка или други симптоми, веднаш да побараат лекарска помош и да го информираат лекарот дека неодамна престојувале во такво подрачје.
Дајана Сандева, М-Нет