
Почнувајќи од овој жителите на беровско секој четврток ќе може да користат бесплатен јавен превоз. Превозот ќе се врши со автобус на Општина Берово и поради ограничени места, жителите ќе мора да се пријават за користење. На релацијата Двориште – Ратево – Русиново – Владимирово – Берово автобусот ќе тргне во 7:30 часот, а враќањето за оваа релација е во 13 часот. Исто така, во 10 часот ќе тргне од село Митрашинци и ќе вози на релација Будинарци – Мачево – Смојмирово – Берово, а на оваа релација до Митрашинци ќе се враќа во 15 часот.
„Јавниот превоз е утврден со Одлука и Правилник на Советот, во кој е утврдено на кој начин и под кои услови можат граѓаните да го користат бесплатниот превоз организиран од страна на Општина Берово со автобусот кој е сопственост на Општината. Брои 33 места, веќе е објавено граѓаните да се пријавуваат од утре до среда за во четврток да се знае кои граѓани ќе може за првпат да го користат бесплатниот превоз за пазарниот ден“, вели градоначалникот, Звонко Пеќески.
Ваквата активност е само на пазарниот ден четврток. Општината планира и да ја прошири дејноста со повеќе автобуси и повеќе слободни места, а разговара и за јавен превоз во останатите денови од неделата, што засега не е возможно, а што како проблем се јавува и во оваа општина.
„За извесно време имаме веќе контакт со одредени институции. Доколку обезбедиме дополнителни транспортни средства, би можеле да разговараме и за проширување на дејноста, додава Пеќески.
Право на користење на бесплатниот превоз имаат сите жители на општина Берово, а целта е да им се олесни пристапот од населените места и да се подобри квалитетот на животот во истите.
Ребека Спасова М-Нет