
Комисијата за заразни болести на состанокот одржан утринава предлага олабавување на мерките за заштита од Ковид 19. Согласно нивната одлука од 1 јуни масиките на отворено нема да бидат задолжителни, да се укине забраната за групирање на повеќе од четири лица како и дозвола за организирање на свадби до 100 гости. Одлуките од состанокт на Комисијата за заразни болести ги објави и Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил.
Утрово на Комисијата за заразни болести донесена е одлука до Кризниот штаб да се достави предлог за понатамошно олабавување на рестриктивните мерки. Пандемијата стивнува и од недела во недела се намалува бројот на активни случаи. Комисијата до кризниот штаб ќе ги предложи следните олабавувања:
Од 1 јуни, заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не моиже да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни.
Да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски.
Да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50% исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде 6.
Спортските натпревари кои се играат на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30% од капацитетот на стадионот.
Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат на сила.
Полицискиот час останува на сила.- пишува Филипче на фејсбук.
Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување на настани и концерти на отворено, а по 15 јуни според договорените протоколи ќе бидат дозволена и организација на ваков тип настани.
Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелирам до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките.
Лаура Стојанова М-Нет