Ограничена продажбата на сончогледово масло за јадење, нема да може да се купи во пакети

Ограничена продажбата на сончогледово масло за јадење. Министерството за економија во текот на вчерашниот ден достави известување до сите трговци со што поради значајниот пораст на потрошувачката треба да ја ограничат продажбата на маслото за јадење. Мерката стапи на сила вчера, а ќе важи до 31 мај.

„Согласно со Законот за трговија, ние вчера пративме известување до сите трговци на мало, односно маркетите, за да продаваат ограничено, имајќи ги предвид нивните политики, а сѐ со цел да не се наруши пазарот и непотребно да се купува, а тоа да се злоупотреби од страна на помали трговци кои директно би купувале од маркетите или да ги продаваат на помали дуќани. Истовремено, да продаваат надвор од државата во помали количини. Затоа просечно потрошувачката на зејтин во нашата држава е околоу три – четири литри максимум за домаќинство, имајќи предвид дека двојно е зголемена овие неколку денови, а во некои региони и повеќе од трипати“, истакна министерот, Крешник Бектеши.

Министерството препорачува да не се дозволува продажба на масло во големи количини односно количини пакувани во пакети, но количината треба да ја ограничат самите маркети. Колку шишиња ќе може да се купи ќе одлучува секој маркет, но ако не се почитува до вторник, на седница на Влада децидно ќе се ограничат количините. Министерот Бектеши уверува дека никој нема да остане без зејтин, но ќе се спречи злоупотребата. Дополнително, ги замолува трговците на мало во случај да се бараат од нив поголеми количини на масло за јадење да го известат Државниот пазарен инспекторат.

Ребека Спасова М-Нет