
Фудбалската репрезентација на Македонија во Скопје се подготвува и работи за двата дуели кои следуваат на стартот од квалификациите за Светското првенство 2026 кое се игра во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико.
Репрезентативците се подготвуваат во најтешкиот и најтажниот момент за нашата држава, после големата трагедија која се случи во Кочани.
„Обединети во тагата! Со срце исполнето со болка и спомен ја споделуваме тагата со семејствата и блиските на настраданите. Нивниот светол дух ќе живее во нас“, е пораката од Фудбалската федерација на Македонија.
Нашата репрезентација во сабота ќе гостува во Вадуц каде ќе игра против Лихтенштајн. Но, селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски се соочи со непланирани проблеми, поради повреда Милан Ристовски и Лирим Ќамили нема да бидат во составот за двата натпревари со Лихтенштајн и Велс, а како замена, селекторот дополнително го повика Давид Тошевски.
Исто така, настапот на Стефан Ашковски останува неизвесен поради повреда на зглобот, а неговата состојба ќе биде дополнително проценета од медицинскиот тим.
Македонија против Лихтенштајн ќе настапи како голем фаворит, овие две селекции првпат се соочија на 24. април 1996 година, а истата година на 9. ноември Македонија ја забележа највисоката победа во историјата токму против Лихтенштајн од 1:11, највисока победа која Македонија ја има до ден денешен. Лихтенштајн само еднаш успеа да ремизира против Македонија на 8. септември 2002 година играјќи 1:1, сите останати меѓусебни дуели Македонија ги има добиено односно десет со едно реми што е најпозитивен резултат за Лихтенштајн против Македонија.
Нашата репрезентација против Лихтенштајн ќе игра во сабота, а мечот се игра во 15 часот, додека пак во вторник на Арената „Тодор Проески“ во Скопје ќе игра против Велс.
Во нашата група за квалификациите за Светското првенство покрај Лихтенштајн и Велс се и репрезентациите на Белгија и Казахстан.
Александар Ванев, М-Нет