О. Карбинци го донесе буџетот за 2022 година, речиси 138.000.000 денари за предвидените проекти

Усвоен буџетот во Општина Карбинци за следната 2022 година. Имено, на вчерашната седница на Совет, советниците го изгласаа предлог – буџетот во кој се утврдени финанскиските потреби за развој на Карбинци. Проектите и програмите за решавање на проблемите и подобар изглед на населените места во општината ќе чинат 137.817.000 денари.

„Програмите коишто претходно ги освоивме, ги комплетиравме од овој буџет. Тековно – оперативни расходи имаме околу 85.000.000 денари. Капитални расходи ќе бидат околу 52.370.000 денари. Најголема ставка од буџетот ќе биде за улици и патишта, околу 36.750.000 денари од овој буџет ќе бидат за изградба на улици и патишта, за изградба на паркови и зеленило, околу 5.000.000 денари, и за комунални дејности околу 6.000.000 денари“, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Општина Карбинци.

Како што истакна градоначалникот, Виктор Паунов, буџетот опфаќа проекти кои соодвестуваат со потребите на граѓаните, а кои се предвидува да бидат реализирани во што поголем број.

„Овој буџет е конструиран според потребите и барањата на жителите на Општина Карбинци. Ќе бидат опфатени многу проекти коишто ќе бидат распространети на сите населени места на територијата на Општина Карбинци, така што реалните понуди, коишто ги нуди овој буџет, се надевам ќе бидат реализирани во голема мера“, додаде Паунов.

Карбинци е меѓу првите Општини која го донесе буџетот за 2022 година. Освен Карбинци, буџетот го утврди и Општина Зрновци, а најавите се дека Општините Штип и Кочани за буџет ќе одлучуваат утре.

Ребека Спасова МНет