
Граѓаните ги очекуваат новите антикризни мерки, но со високите цени ќе се соочуваат уште најмалку два месеца. Анкетата на терен вели оти тие се за замрзнување на цените, но дел од нив не се многу оптимистични дека ќе има некаква помош.
Вицепремиерот Битиќи рече оти на сила ќе стапат по стартот на грејната сезона, но што точно ќе биде донесено, Битиќи не откри. Посочи оти првите мерки очекува да стапат на сила во ноември, а ќе бидат креирани за да им помогнат на граѓаните.
„Убаво е што минатата недела веќе во пренамената на Буџетот се вкалкулирани, штом заврши собраниската процедура, мислам дека на 19. треба да има нова седница, штом почне процедурата, согласно на тој временски период, ќе се подготват мерките. Моето очекување е дека одредени мерки веќе со почетокот на ноември би требало да бидат активни за граѓаните“, вели Битиќи.
Меѓутоа, најверојатно, овојпат тоа нема да бидат ограничувањето на маржите и замрзнувањето на цените. Вели дека тоа ќе биде директна помош наменета за најранливите категории. Битиќи беше дециден дека мерките не се носат за трговците и посочи оти актуелната ситуација не вели дека ним или на производителите им се потребни некакви мерки.
„Одредени буџетски средства се наменети за антикризни мерки. Фактот дека има одредени буџетски средства за антикризни мерки не може да значи дека тоа е антикризни мерки кои се поврзани со цени, затоа што за тоа немаме фискален ефект и фискални импликации во Буџетот. Да, јас кажувам дека ќе има мерки коишто ќе бидат насочени кон нашите граѓани, тие коишто сметаме во овој момент дека се најранливи категории, каде што најмногу треба да бидеме фокусирани“, додаде Битиќи.
Од јуни до сега цените на производите значително се зголемија. Особено кај овошјето и зеленчукот. Речиси 20 илјади денари во месецот му се потребни на едно четиричлено семејство да ги покрие само трошоците за храна и пијалоци.
Ребека Спасова М-Нет