
Шестото коло на Првата женска фудбалска лига донесе нов пораз за Кочани, откако на домашен терен загуби со 1:2 од Пелистер, битолскиот тим стигна до петтата последователна победа и со тоа се израмни на врвот од табелата со шампионот Скопје, кој со 4:0 славеше над Истатов.
Каменица Саса со убедливи 5:0 го декласираше Ас Јунајтед на домашен терен, со што трите бодови останаа во Македонска Каменица, а со тоа „рударките“ стигнаа до четвртата победа во низа.
Единствениот меч без победник беше во Тетово, каде Љуботен и Вардар ремизираа играјќи 2:2, за тетовскиот тим ова е второ реми оваа сезона, а пак скопскиот тим стигна до првиот сезонски бод.
Најголемата победа беше во Струмица каде Тиверија Брера со 17:2 го декласираше составот на Речица, победа која ќе влезе и во историјата на струмичкиот тим како една од најголемите победи, но и во историјата на Речица како еден од најтешките порази.
Врвот од табелата го делат Скопје и Пелистер со по 15 бодови, Љуботен е трет со
14 бодови, Тиверија Брера е четврта со 13 бодови, а пак Каменица Саса е петта со 12 бодови.
Следува пресек на табелата со тоа што Ас Јунајтед е шести со осум бодови, Истатов е седми со шест бодови, а по еден бод имаат Вардар, Кочани и Речица.
Александар Ванев, М-Нет