Низа реконструкции во центрите за култура во Кочани и Штип – подготовки за богата програма

Просториите на Центрите за култура во Истокот со полна пареа се подготвуваат за претстојните настани во декември и за следната година. Кочанскиот Центар „Бели мугри“ веќе подолго време работи на реконструкција на големата сала, со што завршен е поголем дел од работата, а за следната година останува самата сцена и греењето и ладењето во салата.

„Центарот за култура „Бели мугри“ аплицираше со 44 проекта во различни области, вклучувајќи ги и проектите за инвестиции. Инаку, во Центарот се реконструира големата сала. Потпишан е договорот за столиците. Се надеваме дека напролет ќе бидеме полни со настани, па публиката ќе го види новиот сјај на салата. Оваа година, како и претходната, главниот акцент е ставен на самата голема сала во којашто се одвиваат сите претстави. Центарот за култура оваа година и те како има настани, меѓутоа не се на големата сала“, истакна Ана Поп Михаилова, директорка на НУЦК „Бели мугри“ – Кочани.

Реконструкциски зафати има и во штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“. По реконструкцијата на фоајето, малата сала и уште неколку други сегменти од Центарот, сега се работи на реконструкција на тоалетите за публика.

„Го потпишавме договорот и се започна реконструкцијата на тоалетите за публиката од Центарот на годината, што се прави по 40 години. Благодарност до Министерството за култура што ја препозна оваа потреба. Не е многу, но секој чекор што го правиме е кон подобрување на условите во Домот на култура и Театарот во Штип“, истакна Горан Трајков, директор на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

Штипскиот Центар за култура има полна програма за месец декември. Десет театарски претстави, две новогодишни детски претстави, промоција на книги од Венко Андоновски, Винка Саздова, книга за Горан Стефановски и низа изложби се дел од богатата програма која нуди по нешто за сите љубители на културата.

„Имаме еден театарски маратон со десет театарски претстави со четири гостувања и шест наши претстави. Ќе се обидеме пред граѓаните да претставиме едно незаборавно театарско уживање. Имаме подготвено и новогодишни претстави за дечињата, секако, и многу промоции на книги, изложби и промоција на филм на 5 декември“, додава Трајков.

Реконструкцијата на тоалетите за публика во Центарот за култура „Ацо Шопов“ се очекува да биде завршена најдоцна до 20 декември, а инвестицијата е вредна 1.200.000 денари.

Ребека Спасова М-Нет