Ниту по последната средба на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија не е постигнат напредок. Состанокот, одржан на 5 и 6 ноември во Скопје, завршил без конкретни резултати, објави бугарската новинска агенција БТА.
Според објавените информации, претставниците на двете земји повторно не постигнале договор за начинот на кој Охридската архиепископија треба да биде претставена во учебниците по историја. Без договор останал и бугарскиот предлог за заедничко одбележување на 120-годишнината од смртта на Даме Груев, која се навршува во декември 2026 година.
Наместо тоа, македонската делегација презентирала претходно подготвен текст за заедничко одбележување на отпорот против антисемитизмот, фашизмот и националсоцијализмот, започнат во двете земји во 1941 година. Бугарските претставници го отфрлиле предлогот со образложение дека станува збор за историски процес што се одбележува низ цела Европа и не треба да биде ограничен на билатерална иницијатива.
Според бугарската агенција, ваквиот исход е уште еден показател за застојот во работата на комисијата, чија задача е да придонесе за надминување на историските несогласувања и подобрување на односите меѓу двете држави.
Ова е петти состанок на комисијата во 2026 година. Бугарските историчари повторно ги истакнале очекувањата на Европскиот парламент и Европската комисија за постигнување конкретни резултати. Во извештајот на Европската комисија се наведува дека и четирите средби одржани во периодот од септември 2025 до март 2026 година не донеле конкретен напредок.
Следната средба на комисијата е закажана за почетокот на декември во Софија.
Текстот Нема напредок во историската комисија со Бугарија: Без договор за Охридската архиепископија и одбележувањето на Даме Груев е превземен од МАКФАКС.