Движењето ЗНАМ – За наша Македонија останува на ставот дека правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, оценувајќи дека во моментов не постои уставна и законска основа за негово полагање на албански јазик.
Од партијата во соопштение наведуваат дека почитувањето на Уставот и законите е нивен принципиелен став од кој нема да отстапат, без оглед на политичките притисоци.
„Потенцираме дека во моментов не постои уставна и законска основа правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ова не е прашање на нечии етнички чувства или политички амбиции, туку прашање на доследна примена на правниот поредок“, велат од ЗНАМ.
Според партијата, недозволиво е преку таканаречени хибридни решенија да се создаваат преседани со потенцијални последици за правосудниот систем и функционирањето на институциите.
Поради тоа, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, побарал лидерска средба со коалициските партнери, на која ќе се разговара за ова прашање и ќе се утврдат принципите и „црвените линии“.
„Ние не бегаме од дијалог, но дијалогот не смее да биде параван за заобиколување на Уставот и законите“, порачуваат од партијата.
ЗНАМ реагира и на пораките упатени кон Димитриевски, вклучително и алузиите за Врање и повиците да внимава што зборува, оценувајќи ги како несоодветни и неодговорни. Од партијата го повикаа пратеникот Ријад Шаќири да се насочи кон решавање на проблемите на граѓаните, наместо, како што наведуваат, да испраќа несоодветни пораки.
„Пратениците се избрани да ги застапуваат интересите на граѓаните во македонското Собрание, а не да испраќаат закани и да создаваат меѓуетнички тензии. Би сакале да го потсетиме господинот Ријад Шаќири дека пратеничката плата ја добива од буџетот на Република Македонија, кој го полнат сите граѓани, и Македонци и Албанци и припадници на сите други заедници. Затоа, наместо да упатува несоодветни пораки и да се занимава со други држави, би било одговорно својата енергија да ја насочи кон економскиот развој, подобриот животен стандард и решавањето на проблемите на граѓаните на оваа држава“, велат од ЗНАМ.
Во однос на критиките од Аднан Азизи, од ЗНАМ оценуваат дека тие се одраз на политичка нервоза, посочувајќи ги резултатите од локалните избори во Брвеница, каде што кандидатот на ВРЕДИ не се пласирал во вториот круг.
Партијата го коментираше и најавениот бојкот на свечената седница по повод Денот на Куманово од страна на ДУИ, оценувајќи дека градската свеченост се користи за дневнополитички пресметки.
„Куманово е град на сите негови граѓани, а почитта и соживотот се градат со меѓусебно уважување, а не со политички ултиматуми и бојкоти“, наведуваат од ЗНАМ.
Од партијата порачуваат дека нема да подлегнат на притисоци, уцени и политички провокации и дека остануваат на ставот за еднаквост на сите граѓани во рамките на Уставот и законите.
„Македонија мора да биде држава на закони, а не држава на политички пазарења. Тоа е нашиот принцип, нашата одговорност и нашата црвена линија“, се наведува во соопштението.
Текстот „Нема да подлегнеме на притисоци“ – ЗНАМ не го менува ставот за правосудниот испит, Димитриевски бара лидерска е превземен од МАКФАКС.