
Сок од боровинка, рибизла, аронија, јаболков оцет, производи со или без шеќери – Горан Миловски од Берово заедно со неговото семејство работат и произведуваат. Од берба до готово производ се прават сами и производите ги пласираат на пазарот во Штип. Ова го работат долги години, вели Миловски и додава дека е исплатливо. Најтешко е да се соберат овошки, потоа работата е полесна, вели тој. Ова се втори продукти кои ги произведуваат, оти примарно се занимава со одгледување на пчели и производство на мед.
„Имаме и сок од боровинка, рибизла и аронија, со шеќер и без шеќер и јаболков оцет. Тоа е, соковите се од дива боровинка и од црвена рибизла, го вареме на старовремски начин, имаме без и со шеќер, нема конзерванс во него. Прво се берат овошките, па се вари околу два часа. Сами ги произведуваме, бизнисот ни е фамилијарен.“ – вели Миловски.
Својот бизнис го прави со одгледувањето на пчели и производството на мед. Во Берово, во чиста средина има околу 500 пчелни семејства. Потребно е работа, посветеност, желба за да се постигне резултат, но важна е и годината за да се добие доволно мед. Оваа година рано е вели да се зборува за приносите од мед, но загрижува фактот дека се почето по пазарите се продава фалсификат мед по поевтини пари.
„Медот го произведуваме во Берово, таму ги чуваме пчелите. Имаме ливадски кој се вади во јули месец и шумски кој се вади во месец септември. Имаме околу 500 семејства пчели, мед – зависи од годината. Оваа година не се знае како ќе биде рано е уште. Потрошувачката задоволителна е ама има многу фалсификат на медови и тешко се бореме со нив.“ – додава Миловски.
Природата нуди доста плодови кои се достапни и може да се соберат, да се преработат и од нив да се добијат различни сокови. Потребно е само да има кој да ги бере, и кој да работи за да се пласираат по пазарите. Миловски работи со неговото смејство, и вели за еден добар живот има доволно.
Лаура Стојанова, М-Нет