Најголем основен Буџет за 2024 година доби Штип, акцентот ставен на капитални проекти

Најголем основен Буџет од 743 милиони денари има Општина Штип од создавањето до денес. Вкупниот Буџет за 2024 година изнесува една милијарда 530 милиони 858 олјади денари. Овие средства поделени на програми се испланирани за инвестиции во образованието, културата, социјалната заштита, урбанизам, зелени површини, локални улици, спорт и слично.

„352 милиони денари од основниот Буџет се насочени кон изградба на инфраструктурно унапредување на нашата Општина. Споменатите 743 милиони денари се насочени кон капитални инвестиции и во 2024 година ќе изнесуваат 352 милиони денари. Ако на ова додадеме уште 47 милиони денари од надворешни донатори износот се зголемува на рекордни 399 милиони денари или 53% од Буџетот ќе се наменат за инвестиции и развој“ – вели Јорданов.

Со донаторски средства и средства од Буџетот ќе се уреди коритото на река Отиња, поврзување со велосипедска патека со центарот на градот, летна сцена, памп патека и нов парк. Јорданов посочи дека ќе има доволно средства за реконструкција на сите улици во Ново Село, а на листата приоритети се капитални инвестиции за Штип.

„Општина Штип наредната 2024 година ќе има доволно средства за реконструкција на булеварот Партизанска, реконструкција на водоводната и канализациона мрежа, изградба на спортска сала Џексон, реконструкција на крстосницата кај „Бриони“, ќе ги завршиме конзолите по течението на река Отиња и ќе создадеме зголемен број на паркинг места“ – додава Јорданов.

Јорданов посочи дека со Буџетот за 2024 година се пишува историја во Штип, односно средства има наменети за најразлични инвестиции од сите области со цел подобрување на условите за живот на сите граѓани.

Лаура Стојанова М-Нет