
Намалување на бројот на првачиња и оваа година во источниот регион. Заминувањето на семејства во странство, останува клучна причина за падот во бројот на новозапишани ученици. Во Штип, за новата учебна 2025/2026 година, досега се пријавени 35 првачиња помалку во споредба со лани. Според последните податоци, моменталната бројка изнесува 363 новозапишани деца, додека во истиот период минатата година таа бројка изнесувала 398.
Иако се очекува дел од децата да се запишат во последен момент – особено оние кои со семејствата се враќаат од сезонска работа во странство – општината го следи трендот со внимание.
Со последните измени на Законот за основно образование, реонизацијата во Штип строго се почитува. Родителите веќе немаат можност слободно да избираат училиште, како што тоа беше пракса претходно. Сепак, се бележат изолирани случаи каде родителите ја менуваат адресата на живеење само за да избегнат училишта со мешан етнички состав.
Слична состојба има и во другите општини од Истокот – Кочани, Берово, Делчево – каде исто така е забележано намалување на бројот на првачиња.
Овој негативен тренд не е ограничен само на Источниот регион. Според статистиките, во последните седум години, бројот на првачиња на државно ниво е намален за над 3.400 ученици.
Иван Митев, М-Нет