Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе престојува во работна посета на Република Литванија.
Централен настан во рамките на посетата ќе биде свеченото отворање на новата Амбасада на Република Северна Македонија во Вилнус, што претставува значаен чекор кон натамошно зајакнување на дипломатското присуство на државата и продлабочување на билатералните односи и соработката со Литванија и поширокиот Балтички регион.
За време на престојот во Вилнус, Муцунски ќе оствари билатерална средба со својот литвански колега, Кештудис Будрис. Во фокусот на разговорите ќе бидат натамошното унапредување на политичкиот дијалог, интензивирањето на економската соработка и евроинтегративните процеси.
Двајцата министри ќе разменат мислења и за актуелните безбедносни предизвици, како и за соработката во рамките на евроатлантското сојузништво.
Посетата на министерот Муцунски на Вилнус се реализира во значаен момент, во пресрет на претседавањето на Литванија со Советот на Европската Унија во првата половина на 2027 година, период од особено значење за политиката на проширување и европските интегративни процеси.
Текстот Муцунски утре во Литванија на свечено отворање на новата македонска амбасада во Вилнус е превземен од МАКФАКС.