Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Стопанската комора и Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации, во партнерство со Делегацијата на Европската Унија, денеска во Скопје го организираа деловниот форум на тема „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“.
На форумот учествуваа претставници на Владата, бизнис-заедницата, финансиските институции, меѓународните организации, академската заедница и други релевантни чинители, кои дискутираа за предизвиците и можностите што ги носат глобалните економски промени, зелената транзиција и новите европски стандарди.
Обраќајќи се на форумот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека во услови на забрзани геополитички, економски и технолошки промени, конкурентноста сè повеќе зависи од способноста на компаниите навремено да се приспособуваат, да инвестираат во иновации и да ги препознаваат новите можности.
„Прашањето повеќе не е дали ќе има промени. Прашањето е дали ќе бидеме подготвени тие промени да ги претвориме во наша конкурентска предност“, порача министерот.
Во своето обраќање, Муцунски нагласи дека европските пазари поставуваат нови стандарди, при што одговорното управување, енергетската ефикасност, транспарентноста, дигитализацијата и одржливите деловни практики стануваат предуслов за успех на меѓународните пазари. Тој истакна дека Владата создава стабилна и предвидлива рамка за зелена и економска трансформација, со цел компаниите полесно да инвестираат, побрзо да воведуваат иновации и дополнително да ја зајакнуваат својата конкурентност.
Министерот ја потенцираше и улогата на економската дипломатија како практична алатка за поддршка на македонските компании, преку отворање нови пазари, привлекување инвестиции, промоција на извозот, поврзување на домашниот бизнис со странски партнери и навремено информирање за промените на европските и глобалните пазари.
Посебен акцент беше ставен на потребата од градење отпорни компании, кои не само што успешно ќе се справуваат со кризите, туку од нив ќе излегуваат посилни, поорганизирани и поконкурентни. Во таа насока, министерот ја истакна важноста од инвестиции во човечкиот капитал, иновациите, дигитализацијата и современите модели на управување, како клучни предуслови за долгорочен економски развој.
Тој нагласи дека успешната трансформација бара силен јавно-приватен дијалог, предвидлива регулатива, ефикасни институции и партнерство меѓу државата, бизнис-заедницата, финансискиот сектор, академската заедница и меѓународните партнери.
„Во неизвесен свет, најуспешни нема да бидат оние што само реагираат на кризите. Најуспешни ќе бидат оние што навреме се подготвуваат за нив. Токму така се градат отпорни компании. Токму така се гради силна економија“, истакна министерот Муцунски.
Форумот претставува дел од заедничките напори за поттикнување на дијалогот меѓу институциите, приватниот сектор и меѓународните партнери, со цел создавање поконкурентна, поотпорна и поодржлива македонска економија.
Текстот Муцунски: Прашањето повеќе не е дали ќе има промени, туку дали ќе бидеме подготвени да ги претвориме во конкурентска предност е превземен од МАКФАКС.