Муцунски-Герапетритис: потврдена определбата билатералните односи да се развиваат врз основа на меѓусебно разбирање, добрососедство и сојузништво во НАТО

Денеска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, на маргините на министерскиот состанок на земјите од иницијативата „Пријатели на Западен Балкан“, што се одржа во Атина.

Муцунски се заблагодари за поканата за учество на состанокот, чиј домаќин беше министерот Герапетритис, како и за континуираните заложби на Грција за целосна интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, што беше потврдено и во рамките на денешните дискусии.

Потенцирајќи ја посветеноста на Владата на целосно спроведување на европската реформска агенда и подготовка на земјата за ЕУ-интегрирање, согласно со Копенхагенските критериуми, министерот Муцунски изрази очекување грчката поддршка да продолжи и во следниот период, како придонес кон европската интеграција и развојот на целиот регион.

Двајцата министри го поздравија позитивниот развој на билатералните односи и изразија подготвеност за натамошно зајакнување на соработката преку засилен политички дијалог, приоритет на инфраструктурното и енергетското поврзување долж Коридорот 10, како и внесување нова динамика во економската соработка, културата и туризмот.

Соговорниците разговараа и за изнаоѓање практично решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните возачи при влезот и престојот во Шенген-зоната.

На средбата беше потврдена и важноста од почитувањето на меѓународното јавно право, како и определбата билатералните односи и натаму да се развиваат врз основа на меѓусебно разбирање, добрососедство и сојузништво во НАТО.

Текстот Муцунски-Герапетритис: потврдена определбата билатералните односи да се развиваат врз основа на меѓусебно разбирање, добрососедство и сојузништво во НАТО е превземен од МАКФАКС.