
Со новото линеарно покачување на пензиите во март годинава, нема да има пензионери кои би земале пензија под 15 илјади денари – истакна денеска од Кочани, премиерот Христијан Мицкоски. Посочувајќи дека пензионерите се најсиромашна категорија граѓани, тој кажа дека се работи на надминување на јазот во разликите на пензионерите.
„Јасно се гледа дека пензионерите се најсиромашната група граѓани. После овие интервенции на линеарно зголемување не само што се намалува тој јаз, односно се зголемува правилната распределба на приходите, туку се намалува и стапката на сиромаштија. Заклучно со април 2026 година ќе имаме линеарно зголемување за 7000 денари. 150 илјади пенизонери пред да почне ова линеарно зголемување имаа пензии кои беа околу 10 до 12 илјади денари. Тие веќе со овие 7000 денари линеарно зголемување нема да имаат пензија под 15 илјади денари.“ – вели Мицкоски.
Додаде дека се намалува и процентот на сиромаштија во државата согласно податоците на Државниот завод за статистика, ако се направи споредба од 2023 година до денеска.
Пензионерите последното линеарно покачување на пензиите од илјада денари го добија во септември 2025 година.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет