Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска истакна дека Владата во изминатите 27 месеци обезбедила околу половина милијарда евра за проекти во општините, преку директно финансирање од централниот буџет.
Мицкоски, кој изврши увид во еден од клучните проекти за Скопје, рече дека станува збор за сериозна поддршка за општините и локалната самоуправа.
„Од почетокот кога беше оваа Влада избрана, таму некаде пред 27 месеци, отприлика половина милијарда евра се проектите коишто ги финансираме директно од централниот буџет“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека, споредено со изминатите 35 години независност, досега немало толку голем број проекти финансирани од централната Влада за локалната самоуправа и општините.
Мицкоски посочи дека општините веќе подготвуваат проекти за следниот циклус на владино финансирање, со цел да се подобрат условите и квалитетот на живот на граѓаните.
„Проблеми има, тие проблеми се таложеле, предизвици има, предизвиците се присутни децении наназад. Во зависност од ресурсите и приоритетите, тие предизвици се надминуваат, проблемите се решаваат“, рече премиерот.
Тој нагласи дека стратегијата на Владата е да не создава нови проблеми, туку да ги решава постојните и да ги довршува започнатите проекти.
Мицкоски посочи и дека три или четири капитални проекти во Скопје треба да бидат завршени до Нова година, оценувајќи дека тие значително ќе го подобрат функционирањето на градот за скопјани, но и за оние кои често го посетуваат.
„Би сакал да им честитам на градоначалниците коишто се тука со мене, да им се заблагодарам на советниците коишто ја поддржуваат работата на советниците, на пратениците коишто се борат за проект повеќе во општините од каде што доаѓаат“, рече Мицкоски.
Како претседател на Владата, тој додаде дека посакува во периодот што следи да има уште повеќе проекти што Владата би ги финансирала во општините.
Текстот Мицкоски: Капиталните проекти ќе го подобрат животот на скопјани е превземен од МАКФАКС.