
Масар Омерагиќ кој беше единствен кандидат денес едногласно и со акламација беше избран од највисокото тело на ФФМ за претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
Омерагиќ ќе ја води Фудбалската федерација на Македонија до 2029 година, а по изборот тој им се обрати и на присутните.
„Не сме овде само да зборуваме за проблемите од минатото – туку да погледнеме напред, кон новата визија и стратегија за македонскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија има обврска да постави јасен правец, да создаде систем кој ќе гарантира долгорочен развој и да ја врати довербата кај сите што се дел од овој спорт. Нашата визија е јасна: Силен, организиран и конкурентен македонски фудбал на сите нивоа. Без силни млади категории, нема иднина. Ќе вложуваме во подобри услови за тренинг, селекција на таленти и едукација на тренери. Нашата цел е да создадеме млади фудбалери кои повторно ќе бидат конкурентни во европските квалификации. Фудбалската федерација ќе обезбеди целосна логистичка, стручна и финансиска поддршка за двете најважни селекции – А репрезентацијата и репрезентацијата до 21 година. Впрочем, за нас ќе бидат важни селекциите од најмала возраст до најдобрата репрезентација. А репрезентацијата е лицето на македонскиот фудбал, нашиот најголем амбасадор на меѓународната сцена. Ќе направиме сè за да имаат најдобри услови за подготовкии поддршка за големи натпреварувања. Селекцијата до 21 година е нашата иднина – тие се играчите што ќе ја предводат А репрезентацијата во годините што доаѓаат. Затоа, ќе вложуваме во нивниот развој, ќе им обезбедиме врвни услови за тренинг, подобра координација со клубовите и можности за меѓународни искуства“, рече Омерагиќ.
Александар Ванев, М-Нет