Марија Анчева постигна 14 гола, но не доволно за триумф на Астибо, шампионот Ѓорче Петров пресилен

Ракометарките на Астибо од Штип загубија од Куманово на гостински терен со резултат од 34:27 во меч од 16. коло на Суперлигата.

20-тина минути Астибо резултатски се држеше, а потоа Куманово успеа да направи разлика и да се одлепи на 19:13 на полувреме. Веќе стекнатата предност Куманово само ја одржуваше, а Астибо немаше сили да направи изненадување, па се соочи со пораз и во Штип се врати без бодови.

Марија Анчева очекувано беше најдобар стрелец за Астибо со 14 погодоци, но недоволно за триумф, а пак кај Куманово, исто така, очекувано најдобра беше Мариана Силва Азеведо, која постигна девет гола.

Шампионот Ѓорче Петров го декласираше Пелистер во Битола со убедливи 10:32 во меч кој за „лавиците“ беше само тренинг и меч на рутина.

Чаир го доби соочување со Вардар откако славеше со 33:27, со одлично отварање на мечот, кога Чаир имаше серија од 7:1, а на полувреме беше 17:11. Лошото отварање на натпреварот се рефлектираше во второто полувреме и вардарки немаа сила за да стигнат до изненадување против фаворитот, па се соочија со пораз.

Биљана Дамчевска со девет гола беше прво има кај Чаир, а пак кај Вардар се истакна Ивана Трифуновска со шест гола.

Спартак доби службени бодови од мечот со откажаниот Металург Автокоманда.

Во однос на табелата Ѓорче Петров е на врвот со 29 бодови, Чаир е втор со 20 бодови, формално на табелата на третото место е Металург Автокоманда со 20 бодови. Вардар е четврти со 18 бодови, Куманово е петти со 13 бодови, екипата на Астибо од Штип го држи шестото место со седум бодови, Спартак е седми со шест бодови и го напушти дното, а на последното место е Пелистер со четири бодови.

Александар Ванев, М-Нет