
Сместувачките капацитети во Малешевијата годинава исполнети уште пред еден месец. Регионот препознатлив по своите убавини и производството на здрава храна секоја година привлекува домашни и странски туристи, иако за време на пандемијата посетите беа во помал број. Резервации за хотелите и вилите во кои 80% од гостите се од соседна Бугарија почнале уште пред еден месец, а со тоа што полека се гледа крајот на пандемијата, се враќаат и туристите од Холандија.
„Мислам дека капацитетите се исполнети 100% без разлика дали се хотелски капацитети или се индивидуални куќи и викендици, особено на езерото. Интересот постои за Берово. Предусловите кои ги нуди за чист воздух, прошетка и релакс надвор од работните активности кои се во турбулентниот живот привлекуваат секој да дојде и да ги наполни своите батерии во природа. Нам не ни смета моменталната криза со Украина и Русија, туристите од Холандија имаа резервации, од Израел сѐ уште ги нема, меѓутоа се надеваме дека ќе биде во ред“ вели Владо Мишевски, угостител.
Малешевци се согласни дека работа за промоција на овој регион сѐ уште има. Пред сѐ треба да се работи на регионалниот пристап, но и на сместувачките капацитети, бидејќи за време на празниците она што е на располагање не е доволно.
„За нас значи поголем промет со оглед на тоа што има и повеќе гости. За жал нема доволно капацитети, бидејќи за празниците се бара повеќе, за викендите не се наоѓа доволно место. Берово е примамливо по здравата храна, убав компир, ракија, сонце и природа, тоа е „мала Швајцарија“.
Беровци бараат во функција да се стави и поранешното детско одморалиште, чии чувари се Самарџиски и уште неколку производители на здрава храна. Капацитетот кој е со најубав поглед на Беровското езеро десетина години не е во функција, иако за него има голем интерес. Со оглед на моменталната ситуација и растот на цените годинава во Берово понудата е со повисока цена, но тоа не ги спречува туристите да го наполнат регионот кој изобилува со природни убавини.
Ребека Спасова М-Нет