
Денес на програмата беа натпреварите од 17. коло од Трета лига – Исток, а во рамките на оваа коло беа одиграни две дерби пресметки во Кочани и во Берово.
Гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност во живо преку директен пренос да го проследат „Малешевско-пијанечкото дерби“ каде Малеш со 2:1 славеше голема победа над Брегалница од Делчево, пред домашната публика на Градскиот стадион во Берово.
Големо ривалство, но и големо пријателство. Гледачите имаа можност да уживаат во еден одличен дерби меч на екипите кои некогаш се натпреваруваат и во повисок ранг.
Беровчани стигнаа до триумф преку пресврт, откако на полувреме мрежите мируваа (0:0), стартот од вториот дел донесе два брзи гола. ВО 52. минута Иван Димитровски постигна гол за 0:1 со што гостите од Делчево први „фрлија нараквица“, а радоста на гостите траеше само три минути, откако Димитар Каракутовски ја стресе мрежата на Атанасовски за 1:1, а тоа донесе огромна радост на домашните навивачи.
Резервистот Глигорчо Арменски се покажа како „џокер“ за домашниот тим, кој во 70. минута погоди за 2:1 и со тоа направи пресврт на резултатот за водство на Малеш, а тоа предизвика Делириумот на трибините.
Во 85. минута Илија Шонтевски заработи директен црвен картон, поради насилничко однесување, како што е заведено и во самиот записник од мечот, поради контактот со Валери Стаменовски.
Пет минути подоцна судијата Драган Јаневски од Кочани имаше доста работа, откако подели нови два црвени картони. Во 90. минута во еден напад на гостите од Делчево, настана турканица по што гостите бараа пенал, но судијата покажа само фаул во напад, но тоа ги заври страстите, по што интервенираше и судијата, но и играчите со цел да не дојде до поголем инцидент. Само што беше започнатна играта, на средината од теренот настан нов инцидент, откако Митко Пачемски со сруши на земја Андреј Таковски, па судијата се реши и на двајцата играчи да им додели црвени картони. Завршните минути од мечот домашниот тим ги одигра со двајца играчи помалку, а гостите со еден играч помалку на теренот. За овие инциденти мораше да интервенира и полицијата на теренот,
На крај трите бодови останаа во Берово, а Малеш го доби големото дерби за престиж со Брегалница од Делчево.
Тиверија локалното дерби со Спартмани го доби со убедливи 5:0 на домашен терне. Христијан Тимот стигна до хет-трик, а по еден гол постигнаа Черкезов и Јанков.
Вардарски на Градскиот стадион во Богданци со сигурни 3:0 го доби тимот на Академија Чешиново-Облешево. Илија Баламов и Адам Стојанов постигнаа погодоци за 2:0 по само 13 минути игра.
Во вториот дел, односно во 83. минута Ристо Картелов беше стрелец на третиот гол за конечни 3:0 и голема радост за домашната публика.
Лидерот Осогово веќе е во баражот за Втора лига, откако на домашен терен го доби директниот конкурент Овче Поле со 2:0.
На Градскиот стадион во Кочани победникот беше решен во првиот дел, откако „жетварите“ имаа водство со 2:0 преку погодоците на Пешовски и Ѓорѓиев. Во вториот дел мрежите мируваа, па резултатот од првиот дел стана конечен.
Осогово ќе игра бараж за експресен кам-бек во Втората македонска фудбалска лига, откако минатата година испадна од второлигашкото друштво.
Карбинци со 3:0 го доби дуелот со Рудар на домашен терен и прокнижи три бодови во меч кој беше решен во вториот дел.
Саше Соколов беше двоен стрелец во 63. и 70. минута, а откако беше срушен отпорот на гостите, Влатко Стојанов постигна гол за конечни 3:0 во 82. минута.
