
Синоќа се комплетираше 15. коло на Втората футсал лига на Македонија, а во рамки на истото Мал Ајакс во Штип со убедливи 11:3 го декласираше ланскиот прволигаш Карадаку, во натпревар каде домаќинот преку Иса Дурмишов кој постигна шест гола доминираше на теренот. За штипјани двоен стрелец беше Теодор Наков, а по еден гол постигаа Давид Тошев, Седат Мамудов и Марио Филиповски, а пак за гостинот двапати стрелаше Зејнула Мустафи, а еден гол постигна Ељмедин Шерифи.
Во Прилеп беа постигнати 20 погодоци, но немаше победник, Победа и фаворитот Балкан ги поделија бодовите играјќи 10:10. Интересен, динамичен и возбудлив натпревар, каде Победа го запре фаворитот, а од овој меч најмногу доби лидерот Мал Ајакс од Штип и Овче Поле, со што сега ќе биде повеќе од возбудлива трката за Прва лига.
Токму Овче Поле со 2:3 триумфираше против ССК Скопје на едно незгодно гостување, но сепак на крајот трите бодови заминаа во Свети Николе.
Кораб на домашен терен со 5:1 однесе висока и убедлива победа против тимот на Кратово, Енхалон на домашен терен немаше сили за Каршиака, откако загуби со 4:12, а пак Конзули ремизираше со СЕЕ Университи играјќи 1:1.
15-тото коло прави мали промени на табелата, но ја разгорува битката за местата кои водат кон Првата лига. Најмногу доби штипски Мал Ајакс од оваа рунда, со тоа што штипјани се на врвот со 39 бодови и сега имаат дури осум повеќе Овче Поле и Балкан кои го делат второто место со по 31 бод, а пак Дебар е на четвртото место со 28 бодови и сега тимот од Кораб сериозно одново се вмеша за второто место.
Колку за потсетување, првите две места од Втората лига обезбедуваат директен пласман во Првата футсал лига.
Александар Ванев, М-Нет