
На три кола до крајот битката за директен влез во Прва лига ја продолжуваат Македонија ЃП, Арсими и Башкими, откако Брегалница ги загуби шансите за директен влез, па сега остана само опција баражот.
Токму Арсими со победата од 2:1 над Брегалница се проби на второто место и така сега тимот од Чегране е многу блиску да испише историја за влез во Првата лига.
„Одлично чувство, прекрасно чувство, дури емоциите владеа уште, голема победа, победа за второ место, со киксот на Башкими и натпреварот кој го добивме со Брегалница сме втори на табелата зад Македонија ЃП, со која играме во претпоследното коло. Верувајте ми емоциите владеат на големо ниво се. Имавме многу шанси иакористивме само две, требаше натпреварот да го решиме многу порано од не знам 10 – 12 укажани многу добри шанси, меѓутоа најважно на крајот е тоа што резултатот е во наша полза со овие нови три бодови сме конечно втори на табелата и сега амбициите дури ни се и за шампионската титула, зошто да не“, истакна Љабинот Муслиу од стручен штаб на ФК Арсими за М Нет.
Ќе биде доста неизвесно за првите две позиции, а дербито од 29. коло меѓу Арсими и Македонија ЃП ќе решава и кој да биде шампион во Втора лига.
„Верувам дека вашите камери кои го снимаа натпреварот и после натпреварот можеа да фатат убави моменти од атмосферата која што владее кај нас. Не е работата само за денес, ова не е резултат на еден месец работа, два месеци, ова е макотрпна работа, сериозна работа, работа со луѓе коишто знаат и умеат да го подигнат клубот на повисоко ниво, од ден на ден ние се развиваме и сме се подобри, поголеми и посериозна екипа“, завршува Муслиу.
Победа и Осогово ремизираа во единствениот меч без голови (0:0), Охрид со минимални 1:0 го доби Кожуф кој е во голема резултатска криза, а пак Новаци со 4:0 го декласираше Вардарски кој е нов третолигаш односно тимот од Богданци се враќа експресно во Трета лига – Исток.
Нов третолигаш е и Борец кој се враќа експресно во Трета лига – Југ откако загуби од Македонија ЃП со 3:0, а пак Детонит Плачковица со 1:2 славеше над Беласица во Струмица.
Башкими направи кикс откако одигра 1:1 на домашен терен со Скопје и така продолжува неизвесноста за местата кои директно водат кон Прва лига. Најмногу голови имаше во Македонска Каменица каде екипата на Саса преку пресврт со 4:2 славеше над Вардар Неготино.
Веќе утре се играат натпреварите од вонредното 28. коло на Втора лига, каде Борец ќе го пречека Арсими, во Штип ќе се соочат Брегалница и Беласица, Детонит Плачковица ќе игра против Охрид на домашен терен.
Во Автокоманда соочување на два поранешни прволигаши Скопје против Победа, Башкими нема право на грешка на гостувањето во Гевгелија кај Кожуф, Осогово ќе го пречека Новаци, Вардар Неготино против лидерот Македонија ЃП, а пак Вардарски ќе игра со Каменица Саса.
Александар Ванев, М-Нет