Македонија утре против Црна Гора на првиот тест, селекторот Андов вели дека противникот е квалитетен!

ФОТО: ФФМ

Женската А репрезентација на Македонија утре ќе го одигра првиот контролен натпревар против селекцијата на Црна Гора кој се игра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ вн, а преку овие натпревари како што вели селекторот Александар Андов целта е да се задржи континуитетот, но и македонската репрезентација да биде во одлична форма пред почетокот на новото издаине од Лигата на нации.

„Целта на овие два контролни натпревари со Црна Гора пред се е да го задржиме континуитетот, да се подобриме во одредени сегменти и да ги отстраниме слабите страни во нашата игра. Сакаме да бидеме во најдобра физичка и ментална состојба пред почетокот на циклусот на натпревари од Лигата на Нации. Имаме јасна визија и цел за наредната година, а тоа е освојување на првото место во нашата група од новото издание на Лигата на нации. Репрезентацијата на Црна Гора е квалитетен противник, кој одигра одличен двомеч против Финска во баражот. Имаме одиграно неколку натпревари против нив и секогаш резултатски биле поуспешни од нас. Но, тоа е минато, ние сме во фаза каде што градиме нова репрезентација која ќе биде конкурентнта и подготвена за секакви предизвици“, рече селекторот Андов.

Македонија новото издание од Лигата на нации го отвара на 21. февруари против Косово на домашен терен, а во нашата група е и репрезентацијата на Летонија.

Александар Ванев, М-Нет