Маестрална изведба на Симон Трпчески и ПРИЈАТЕЛИТЕ на штипскиот плоштад

Маестралната изведба на МАКЕДОНИСИМО на маестро Симон Трпчески и пријателите громогласно поздравена во Штип. Полниот плоштад „Слобода“, а пред сѐ стоечките овации, пеењето во еден глас и долгите аплаузи по секој сплет говореа за тоа како штипјани го доживеаа овој концерт и колку сакале да слушнат нешто светско, а „ептен македонско“.

Проектот, што по идеја на Трпчески на оригинален начин ја обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, ја изведува уникатниот тим на МАКЕДОНИСИМО КВИНТЕТОТ во кој, покрај Симон Трпчески на пијано, членуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, штипјанецот Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал, а зад удиралките е делчевчанецот роден во Штип, Влатко Нушев.

„Македонисимо“ ја спојува македонската народна музика со влијанијата на џезот и класичната музика. На концертот се изведуваат 23 нумери, главно ора и по некоја песна. По завршувањето на официјалниот дел следеше громогласен аплауз од пубиката и настап на ќерката на Трпчески, Лара, која заедно со хорот ја изведе преработката на песната „За овој свет“ од Тоше Проески. По концертите во Скопје и Штип, проектот МАКЕДОНИСИМО вечерва ќе биде претставен во Битола.

Ребека Спасова М-Нет