Магична зимска бајка приредија дечињата од градинката „Вера Циривири – Трена“ во Штип

Магична зимска бајка креираа дечињата од детската градинка „Вера Циривири – Трена“ во Мултимедијалниот центар на УГД. Традиционално и годинава се претставија со Новогодишна приредба, за која програмата е изработена согласно со Правилникот за работа од психолог, а во изработка на рачните изработки кои ја красеа сцената се вклучени сите вработени и децата од големите групи. Годинава, вели директорката Ангеличкова, темата е сосема различна, но заложбите се исти.

„Како и лани, така и оваа година дечињата од големите групи од нашата градинка „Вера Циривири-Трена“ со пригодна програма ќе ја дочекаат Нова година и ќе ни посакаат многу здравје, среќа, берикет. Се надеваме дека во старата година ќе останат сите лоши работи коишто ни се случуваат, а новата година ќе ни биде исполнета со многу насмевки, смеа и радост. Дечињата од големите групи, од сите клонови, се носители на оваа Новогодишна приредба и на еден волшебен, магичен начин ќе ни го прикажат пречекот на Новата година преку магичните моменти во месец декември, што е месец кога се украсуваат елки, кога пишуваме писма до Дедо Мраз, кога се е магично околу нас и се надевам дека сите ќе уживаме во оваа магична бајка“, вели директорката Ангеличкова.

Како што е оваа бина, така магични се и сите четири клона на детската градинка, вели Ангеличкова. Со заедничко украсување на новогодишната елка, работилници за рачни изработки и пишување писма до Дедо Мраз дечињата ја креирале целата слика за месец декември да биде магичен. Ангеличкова годината ја оценува како мошне успешна.

„Ја оценувам како успешна година, но секогаш може подобро. Кај нас се променија голем дел од работите, занималните, имавме реконструкции, уредување на дворовите, а оваа година имаме и Клон 4 – ќе го средиме и кровот и дворот, меѓутоа тоа останува пред нас“, додава Ангеличкова.

Дечињата од детската градинка „Вера Циривири – Трена“ заедно со нивните негувателки и воспитувачки редовно ги одбележуваат сите позначајни настани од градот.

Ребека Спасова М-Нет