Лидерот Струга гостува во Штип, Брегалница сака позитивен резултат, поддршката од трибините ќе значи многу за „сините“

ФОТО: ФК Брегалница

Лидерот во Првата македонска фудбалска лига, Струга Трим Лум утре гостува на Градскиот стадион во Штип, каде ќе се соочат со Брегалница, единствениот меч кој е на неделната програма.

„Сините“ по ремито со Башкими во Куманово во претходното коло сега на домашен терен ги очекува тежок дуел против стружани, кои пак ќе мора да најдат начин како да ги освојат бодовите со цел да може да го сочуваат првото место.

Брегалница е седма со 14 бодови, освен што ќе сака макар и бод против фаворитот, ќе се надева на „кикс“ на Башкими и Арсими за да ја зголеми бодовната разлика од опасната зона.

Традицијата вели дека треба да очекуваме најмалку два гола на средбата во Штип. Двете екипи досега меѓусебно се соочија единаесет пати. На последното соочување од оваа сезона Струга со 4:0 славеше над Брегалница.

Само еден триумф има Брегалница над Струга, минимална победа од 1:0 остварена на 2 октомври 2021 година.

Струга има седум победи, шест во првенствоот и една во Купот, а пак три средби завршиле без победник.

Доне Ристовски ќе ја дели правдата, а ќе му помагаат Тоше Ицев и Драган Трпчевски, а четврти судија ќе биде Јордан Јовановски.

Натпреварот кој се игра на Градскиот стадион во Штип ќе започне во 12 часот.

Александар Ванев, М-Нет