
Кикбокс клубот Гладијатор Фајт од Штип во период од 16 до 18 октомври ќе учествува на силниот меѓународен турнир „Трофеј“ во Белград, Србија со осум натпреварувачи.
Изминатиот период под водство на тренерот Шенол Асанов имаше интензивни подготовки, остануваат уште неколку дена за проверка на формата пред силниот предизвик во српската престолнина.
Леонтина Миткова и Петра Долдурова за М Нет телевизија истакнаа дека интензивно се подготвувале за настап на „Трофеј“ во Белград
„Подготовките поминаа добро, секој ден, интензивно се подготвуваме со тренерот, тренираме и за време на викендите и мислам дека ќе имаме добри резултати“, вели Леонтина Миткова.
„Добро ја подигаме формата бидејќи имаме секојдневно тренинзи имаме многу добри резултати досега од претходните турнири и очекуваме добри резултати“, вели Петра Долдурова.
Конкуренцијата ќе биде силна, Миткова ќе настапи во конкуреција јуниори минус 65 килограми, а пак Долдурова како кадет во минус 65 килограми.
„Јас ќе настапам во категорија минус 65 килограми, очекуваме тешка конкуренција, но сепак се надевам на позитивни резултати“, рече Миткова.
„Ќе има многу силна конкуренција како и на секој турнир досега. Јас ќе настапат во минус 65 килограми“
Миткова и Долдурова велат дека се задоволни од постигнати резултати во тековната 2026 година, нагласуваат дека секогаш може да се стигне до уште подобри резултати.
„Многу сум задоволна од досегашните резултати, годината беше тешка имавме многу тешки натпревари, но сепак дадовме се од себе“, завршува Миткова.
„Јас сум задоволна, но секогаш може подобро и сега оваа година што следи се надевам дека ќе сме подобри сите“, заклучи Долдурова.
Покрај Миткова и Долдурова на „Трофеј“ во Белград ќе настапи и Антонија Тасева, во кадетска конкуренција на минус 60 килограми, како и Јован Јанковски, Пане Блажев, Баже Јанев, Михаил Јанев и Максим Иванов, сите во кадетска конкуренција.
Тренерот Шенол Асанов за М Нет телевизија потенцираше дека за нивниот клуб, секој настап на меѓународната сцена претставува ново искуство, можност за напредок и потврда за посветенота на нивните млади спортисти и очекува од Белград да се вратат со медали и успешни резултати.
Александар Ванев, М-Нет