Каменица Саса минимално подобра од Вардар во гости, Кочани прими пет гола и загуби во Струга

ФОТО: Александар Ванев

Фудбалерките на Каменица Саса стигнаа нов триумф во Првата женска фудбалска лига, тимот од малото рударско гратче врза три победи во низа и стигна до 25 бодови за делба на третото место, откако со минимални 0:1 славеше на гостувањето кај Вардар во меч од 13. коло.

Стрелец на победничкиот гол за „рударките“ беше Стефанија Веселинова која погоди во 71. минута од средбата.

„Фенерџијата“ Кочани запиша висок пораз на гостувањето во Струга каде загуби со резултат од 5:2, домаќинот стигна до своето шесто сезонско славје, а пак Кочани го запиша дванаесетиот порази од тринаесет натпревари и со тоа е единствениот кој нема триумф и се наоѓа на дното од табелата.

Шампионот Скопје славеше со убедливи 0:7 на гостувањето кај Речица, а радоста доаѓа повеќе поради киксот на лидерот Љуботен, кој во Струмица го запиша првиот сезонски пораз губејќи со 3:1 од Тиверија Брера.

На овој начин Скопје стигна на само бод негатива од Љуботен и трката се разгорува одново.

Пелистер со голот на Мелиса Милица Димитриоска славеше минимална победа од 0:1 над Истатов.

Во однос на табелата и натаму Љуботен е прв со 32 бодови, но сега разликата во однос на шампионот Скопје кој е втор се стопи на еден бод. На делба на третото место со по 25 бодови се Тиверија Брера и Каменица Саса, а Пелистер е петти со 23 бодови.

Следува Ас Јунајтед како шести со 20 бодови, па Вардар како седми со 16 бодови и Истатов како осми со 12 бодови. Речица е во бараж зоната како претпоследна со четири бодови, а на дното е Кочани со еден бод.

Повеќе од јасно е оти Речица и Кочани ќе играат до крај за кој да биде претпоследен и да бара опстанок преку бараж, една од овие екипи сигурно испаѓа во Втора лига, бидејќи останатите екипи веќе побегнаа.

Александар Ванев, М-Нет