
Каменица Саса минатата сезона испадна од Втората македонска фудбалска лига и во новата сезона ќе настапи во Трета лига регион 3, а целта на тимот е експресно да се врати во второлигашката конкуренција.
За таа цел тимот од Македонска Каменица промовираше неколку нови засилувања со цел да се подигне квалитетот на повисоко ниво и тимот од малото рударско гратче да се врати во Втората лига.
Клубот се засили со искусниот Драган Паунов, Стојанче Тренчев, Марко Соколов, Христијан Ангелов, Христијан Крстов, Матеј Станојковски и голманот Бобан Атанасовски.
Паунов е 35-годишен фудбалер кој доаѓа од Осогово, а беше дел и од Слога Виница, Гостивар и Тиверија и тој е повратник во Каменица Саса, а во пакет со него од Осогово доаѓат и 22-годишниот Стојанче Тренчев. Христијан Ангелов одново се враќа на фудбалските терени и пак ќе го носи дресот на Каменица Саса, Крстов кој има 23-години доаѓа од Брегалница Делчево, повратник во Каменица Саса е и голманот Бобан Атанасовски кој доаѓа од тимот на Делчево, а пак Станојковски доаѓа од ССК Нова.
Сепак, ростерот не е затворен и се очекува во следниот период да пристигнаат уште неколку засилувања.
Најголем конкурент на Каменица Саса ќе биде Овче Поле, тимот од Свети Николе исто така гради конкурент тим и сосема очекувано ќе биде дека трката за титулата и обезбедувањето на баражот за Втора лига ќе биде меѓу овие две екипи.
Александар Ванев, М-Нет