
Нови повисоки сметки за струја пристигнуваат и во помалите општини од Истокот. Сметките за декември месец веќе направија проблеми за овие Општини, а јануарските дополнително ќе ги зголемат. Во Зрновци повеќето проекти се на „стаклени нозе“, Чешиново – Облешево пристапува кон рестрикции на јавното осветлување и затоплувањето, а Карбинското јавно претпријатие и онака „се гуши“ во долгови.
„Со доспевувањето на сметката за месец декември имаме радикално покачување на струјата. Компаративно гледано помеѓу декември 2020 и декември 2021, во декември 2020 имавме 155.000 денари по основ на сите броила кои се вклучени, а во декември 2021 имаме 850.000 денари“, истакна градоначалникот на Општина Чешиново – Облешево, Далибор Ангелов.
„Споредбено помеѓу ноември 2021 и декември 2021 година сметките се со разлика од скоро 40.000 денари. Ако 90.000 денари била за ноември месец, а во декември е веќе 130.000 денари. Се очекува јануарската сметка да достигне уште повисока сума со што за малите општини тоа е голем реален проблем“, рече градоначалникот на Општина Зрновци, Борчо Коцев.
И по многуте апели до Владата преку ЗЕЛС, од таму одговор – Општините сами да си ги плаќаат сметките. Сепак, Управниот одбор на ЗЕЛС не се откажува, барањата ќе се зголемат, а апелите за помош ќе се интензивираат.
„За жал, продолжува арогантното однесување од страна на Владата. Останати сме сами на себе во овие тешки моменти, не само во делот на исплаќањето на електричната енергија, туку и воопшто нашето население страда од голема инфлација за многу други продукти коишто се неопходни за нашето секојдневно живеење. Жална е оваа објава, ние како Управен одбор на ЗЕЛС ќе се обидеме и во следниот период да дадеме дополнителен притисок“, истакна градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.
Градоначалниците на овие Општини за виновник во ваквата ситуација ја сметаат Владата. Општина Зрновци сѐ нема конкретни инструкции како ќе постапува по ваквиот удар од високите сметки, а Чешиново – Облешево за да ги отплати ќе продава државно земјиште.
Ребека Спасова М-Нет