Иструени домашни кучиња, мачки и маалски миленици во Пробиштип, граѓаните револтирани

Иструени домашни кучиња, мачки и маалски миленици – ваква е сликата во изминатите неколку дена во Општина Пробиштип.

Непознат сторител остава отров на повеќе локации низ градот, вклучително и во реонот околу т.н. споменик, каде секојдневно минуваат десетици ученици.

Граѓаните додаваат дека овој убиец на животни, во рок од неколку дена, фрлал отров и во дворови каде има домашни миленици.

Бараат од Општината, Министерство за внатрешни работи и надлежните институции да постапат по случајот и да го пронајдат сторителот.

Реонот околу споменикот повторно на мета на убиецот- трујач.

Ако пред неколку дена успејаа активистите да го спасат, ноќеска не можеа. Во рамки на неколку дена фрлен отров во двор, синоќа на патека по која утрово ќе поминат десетици ученици и низ целиот реон околу споменикот.

Иструени домашни кучиња и мачки, маалски миленици…

Уредно пријавено во МВР, максимално професионално постапено од нивна страна. Морбидни се фотографиите, но морбидна е и глетката која ќе ја имаат децата што одат на училиште.“, велат граѓаните на Општина Пробиштип

По поплаките од граѓаните, М-Нет телевизија се обрати до градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, кој во разговор за телевизијата потврди дека случајот е пријавен и се постапува.

Тој вели дека институциите се веќе вклучени и дека е во тек истрага за пронаоѓање на сторителот.

Апелира до граѓаните да се воздржат од вакви инциденти, нагласувајќи дека општината има план за справување со проблемот со бездомните кучиња.

,,Јас како градоначалник го осудувам овој чин на труење на милениците, па и бездомните кучиња. Тоа не е начин да се решаваат одредени проблеми и фрустрации. Ние како институција ги викнавме оштетените луѓе, дојдоа на разговор. Ги информиравме претставниците на МВР, постапката т.е истрагата е во тек да се проанјде непознатиот сторител и би апелирал до сите да се воздржат од било какви вакви инциденти , бидејќи ние како оптшиата имаме план како да ги решиме проблемите што ги имаме со бездомните кучиња. На сите што имаат домашни милеици оваа година за прв пат им нудиме субденции за стерилизација на домашните миленици. А како ИПР го аплициравме проектот за изградба на регионален стационар за згрижување на бездомни миленици.“вели Тоневски

Oва не е прв ваков случај во источниот регион, каде во изминатите години неколкупати беа регистрирани труења на животни.

Во Штип минатата година, покрај труење, беа забележани и вознемирувачки случаи на оставање шајки во колбаси, со што директно се загрозуваше безбедноста и на животните и на граѓаните.

Иван Митев, М-Нет