Ива Колева испиша историја: На само 17 години стана првата штипјанка во сениорската женска кошаркарска репрезентација на Македонија!

Историски момент за штипската кошарка! Седумнаесетгодишната Ива Колева стана првата штипјанка која добила повик во сениорската женска кошаркарска репрезентација на Македонија, испишувајќи нова страница во спортската историја на градот под Исарот.

Младата кошаркарка со ова големо признание направи значаен чекор во својата спортска кариера, а нејзиниот успех претставува гордост за Штип и за ЖКК Тим Арена, клуб кој има важна улога во нејзиниот кошаркарски развој.

Колева е вклучена во составот на македонската репрезентација за претстојните натпревари од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година, кои се на програмата во периодот од 8 до 15 ноември.

Репрезентативниот собир и почетокот на подготовките се закажани за недела, 8 ноември, во 11:00 часот, со прв тренинг во спортскиот центар „Градски парк“, во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Македонија на 11 ноември ќе гостува кај Романија во Букурешт, додека на 14 ноември ќе ја пречека Естонија во Штип. Токму вториот натпревар ќе има посебно значење за Колева, бидејќи македонската репрезентација ќе настапи во нејзиниот роден град.

Од ЖКК Тим Арена со голема радост го поздравија историското достигнување на својата кошаркарка.

„Некои успеси се бројат со победи и медали, а некои засекогаш остануваат запишани во историјата. Ива не е само дел од историјата – таа е првата што ја испишува историјата на само 17 години“, порачаа од штипскиот клуб.

Повикот во сениорската репрезентација претставува потврда за талентот, трудот и посветеноста на младата кошаркарка, но и силна мотивација за останатите девојчиња од Штип кои сонуваат еден ден да го облечат националниот дрес.

На само 17 години, Ива Колева веќе испиша историја, а пред неа допрва претстојат нови предизвици и можности за докажување на кошаркарската сцена.

Александар Ванев, М-Нет