
И штипските матуранти навреме го започнаа полагањето на Државната матура. Вкупниот број во трите стручни средни училишта е нешто повеќе од 300, а најмалку се од Текстилното училиште, само четири ученика. Директорките на СОУ „Коле Нехтенин“ и „Јане Сандански“ посочија дека првиот испит се одвива без проблеми, а безбедноста на учениците ја контролираат и претставници од Министерството за внатрешни работи.
„Денеска во СОУ „Јане Сандански“ – Штип и во целата држава се полагаа првиот дел од Државната матура, тоа е предметот Македонски јазик и литература. Во нашето училиште за полагање имаме пријавено 184 кандидати. Сите дојдоа на време, испитот започна во 10:00 часот. Би сакала да напоменам дека имаме и претставник од Министерството за внатрешни работи, кој цело време е овде во училиштето и врши контрола за безбедноста на учениците за време на полагањето“, истакна Марија Николиќ, директорка на СОУ „Јане Сандански“ – Штип.
„Учениците од СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип денеска полагаат државна матура. Го полагаат предметот Македонски јазик и литература. Вкупниот број на пријавени ученици за Државна матура во овој дел од испитот се 143. Сѐ почна навреме и се надевам дека ќе нема проблеми до крајот на реализација на матурата“, истакна Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип.
Вкупниот број пријавени матуранти за полагање на завршниот испит во јунската испитна сесија е 15.620, од кои 6.750 се од гимназиско образование, 8.598 од средно стручно и 272 од средно уметничко образовние. Македонски јазик и литература полагаат 10.768 матуранти.
Полагањето на Државната матура беше неизвесно со штрајкот на Државниот испитен центар, но истиот се стави во мирување, а МОН и Сојузот на средношколци се договорија за намалување на обемноста на тестот по мајчин јазик, односно помалку прашања во содржината.
Полагањето на вториот екстерен предмет е закажано за 10 јуни, а матурантите кои нема да ја положат матурата или не во целост, ќе може да полагаат во августовската испитна сесија – на 9 и 11 август. Годинава средното образование во Штип го завршуваат вкупно 548 матуранти од четирите средни училишта.
Ребека Спасова М-Нет