
Мерките на Владата предводена од СДСМ значат поддршка за над 120 илјади ученици кога им е најпотребно посочија, денеска на прес-конференција од ОО на СДСМ Штип. Потенцираат дека 35 илјади средношколци шест месеци ќе добиваат по 1800 денари, а 70 илјади основци добиваат по 1200 денари.
„Во наредните шест месеци по 1800 денари добиваат 35 илјади ученици од средните училишта. Тоа се вкупно 10.800 денари до завршување на училишната година по ученик од средно училиште. Со мерките се опфатени и учениците од основните училишта. Во наредните шест месеци по 1200 денари добиваат 70 илјади ученици од основните училишта. Вкупниот опфат само со оваа мерка се 105 илјади ученици“, вели Стојчевски.
Имајќи ја предвид, како што велат, грижата за ученците од нивната страна, од СДСМ посочија дека на локално ниво има само зголемени давачки.
„За 15 илјади студенти кои живеат надвор од местото на студирање обезбедени се ваучери за превоз од 600 до 1200 денари. Разликата меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ е огромна. Ние ги враќаме парите кај младите додека ВМРО ДПМНЕ земаат од граѓаните и ги зголемуваат давачките на Локално ниво“, додава Стојчевски.
На ваквите обвинувања, од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ посочија дека на учениците им требаат учебници, а не мала сума на пари.
„Срамно е што СДС по пустошот што го направи во државата и неуспешното менаџирање со мерките во корона и економско-енергетската криза, предизборно ги претвoра училиштата во социјални установи. Додека трошат милијарди за незначајни проекти, повторно се обидуваат со понижувачки средства да ја покријат нивната неспособност. Господа од СДС, на учениците им требаат учебници и подобри услови за образование но за жал сѐ уште не ја имате научено лекцијата и повторно предизборно се обидувате да изманипулирате и да го ублажите поразот што ви следува. Прашуваме дали оваа потценувачка сума која не може да се употреби ни за ужина во текот на месецот е со скриена намера да се обезбедат податоци од семејствата на учениците со кои подоцна ќе располагаат за изборни цели? “ – реагираа од ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение.