
Свети Николе изгоре, сега и ние ќе изгориме – вака земјоделците од карбинскиот регион денеска го изразија своето незадоволство од АД Водостопанство. Нарушена комуникација со нив, телефоните исклучени, нема ниту план што да се сее и дали за секоја површина ќе има вода, реагираат земјоделците. Велат, проблемот не е во недостатокот на вода, туку во тоа што поради неодржување на системот, водата не стигнува до нивните ниви. Најмалку 500 хектари од оризот се суши, а зафатени се над 1000 хектари во кои се вклучени и други култури.
„Овој проблем е секоја година сѐ потежок и потежок и веќе сме доведени до тој степен – земјоделците, оризарите да го остават оризот како култура, дека ќе исчезне. Имаме проблем со Водостопанство и водата им бега на сите страни, не можат да ја донесат до нивите. Друг проблем е што ние немаме комуникација со нив“, вели земјоделецот Павле Ѓорѓиев, претседател на МЗ Крупиште.
„Водата моментално ни ја зема Кочани, до оризите има вода, навака капка нема. Свети Николе изгореа, сега ние сме на ред да изгореме. На 15. ни ја сопреа водата, пуштија ни ја на 20., не ја ни пуштија, така само течеше. Сега ни ја сопреа уште пет дена и не знаеме што ќе направиме. Сѐ ќе изгоре“, додава земјоделецот Ѓорѓи Гоцевски од с. Долни Балван.
„Не можеме да произведеме храна за сопствената стока. Ако ова вака остане, ќе бидеме принудени и ние да фаќаме и ние некаде во странство. Тука вложивме голем капитал, годините си одат, а пари немаме. Произведувам детелина, пченка, луцерка, крави имам, со тоа се занимавам“, додава земјоделецот Методи Ефремов од с. Долни Балван.

Денешниот протест го поддржа и градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, кој посочи дека помагале со она што е во нивна можност, но остатокот е во рацете на АД Водостопанство.
„Овде сум со земјоделците да им ја дадам мојата максимална поддршка. Ние во изминатиов период комунициравме по разни основи на оваа тема во однос на одржување на дел од овие мрежи коишто се, навистина, од нивна корист. Им помагавме како Општина, дониравме наши репроматеријали, со работна сила, со механизација, но ингеренциите ги има АД Водостопанство, Министерство за земјоделие, така што испраќаме еден апел да се преземат итни мерки за решавање на овој проблем“, вели градоначалникот Паунов.
Земјоделците и градоначалникот посочија дека ова е предупредувачки протест на кој бараат АД Водостопанство да преземе мерки. Доколку состојбата не се промени, ќе организираат поголем протест со блокада на магистрален пат.
Ребека Спасова М-Нет