
Здружението на трудови инвалиди во Штип и Карбинци ќе доделува ваучери за членовите кои имаат ниски примања, односно помала инвалидска пензија. Почнувајќи од денес, па во следните 30 дена, пензионерите треба да достават чек од пензија, не постар од три месеца, во просториите на Здружението.
„Донесовме одлука да доделуваме ваучери на нашите корисници – пензионери со шифра 062, којашто стои ќе чекчето. Ги замолуваме пензионерите од општина Штип и Карбинци да донесат чекови од пензијата за да се види колку се големи примањата. Потоа Комисијата ќе донесе одлука за висината на ваучерите, но чековите не треба да бидат постари од три месеца. Даваме рок од месец дена за да се соберат чековите, по што Комисијата ќе ги разгледи и ќе ги одреди висините. Знаеме дека има ниски примања, сѐ ќе зависи од висината“, истакна претседателот на Здружението, Јаким Величковски.
Претседателот Величковски апелира на ажурност од пензионерите, затоа што колку побрзо се соберат чековите, толку побрзо би пристигнала и одлуката за тоа кои членови ќе добијат ваучери. Величковски потсетува дека Здружението за трудови инвалиди има и други поволности.
„Вршиме услуга за пензионерите. Дрвата ги даваме на шест рати, возачите ги носат до дома. Веќе имаме запишани околу 3000 кубика за пензионерите и тие дрва веќе се доставуваат, се врши дистрибуција до домовите“, додава Величковски.
Станува збор за еднократен ваучер, кој ќе се додели во следниот период. Ваучерите сега се доделуваат само за трудови инвалиди, а претходно ваучери имаше и за редовните пензионери.
Ребека Спасова М-Нет