Засилени контроли над друштвата за брзи кредити – подготвен е нов предлог-закон, одземени дозволи

Засилени контроли врз финансиските друштва за брзи кредити спроведуваат повеќе институции – веќе се одземени дозволи, а готов е и нов закон за заштита на граѓаните со кој ќе се намалат трошоците за кредитите и ќе се ограничи исплатата на пари на рака. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најавува дека до крајот на годинава ќе има уште казни и одземање на дозволи за оние што не работат по закон.

Таа вели деја надлежноста ја имаат министерството Управата за јавни приходи во делот на даноците, Агенцијата за заштита на лични податоци во делот на личните податоци, Државниот пазарен инспекторат.

„Ние постапуваме и до крајот на годината најверојатно ќе имаме изрекување на уште прекршоци кон одредени финансиски друштва и ќе има и понатаму одземање на дозволи“, наведе министерката.

Кога е во прашање новиот предлог закон, министерската најави дека е подготвен и завршен за измени и дополнување на Законот за финансиски друштва и дека тој носи клучни измени за заштита на граѓаните. Меѓу нив се регулира исплатата и уплатата на средствата да се врши електронски, односно да се ограничи исплата во готовина, потоа намалување на трошоците за кредитите од финансиските друштва и слично.

Посочи дека дел од законските измени се направени и произлегуваат пријави кои пристигнуваат од граѓантие во Министерството за финансии и ги охрабри граѓаните и понатаму да доставуваат пријави за евентуални неправилности при издавањето на кредити од страна на финансиските друштва.

Иван Митев, М-Нет