Заради недоволните можности младите во државата избегнуваат да бидат дел од волонтерството

Младите да се вклучат во активности, да волонтираат и да се развиваат самите себе – со настан денеска во Штип се одбележа 5 декември денот на волонтерството. Таргет група беа младите, односно нивното вклучување како волонтери со што би придонеле за заедницата и околината. Проблемот лежи кај можностите кои се нудат на младите волонтери и тоа што голем дел од работодавачите не го ценат волонтерството.

„Има интерес и младите сакаат да се активираат и да прават нешто што е корисно за нив и за целата нивна заедница и околината. Проблем е што немаме доволно можности за волонтирање, односно прием за волонтери. Многу голем дел од работодавачите не го ценат волонтерството“ – вели Митровиќ.

Штипските акцијаши велат дека работат на конкретни активности, како во државата така и во странствоо. На таков начин ги зголемуваат своите пријателски врски, а преку активностите помагаат за чиста животна средина.

„Нашите акцијаши сега работат на конкретни активности, еве на пример во Нови пазар една недела работеа на уредување на просторот околу вештачкото езеро во Нови Пазар.“ – вели Кангалов.

Младите волонтери се задоволни што имаат можност да помагаат. Хуманоста е како приоритет за да се биде дел од акцијашкото друштво Штип, вели 18 годишната Бојана Николова.

„Мојата мотивација за да волонтирам овде е хуманоста пред сѐ. Сакам да помагам во областите каде е потребно. Овде не е само работата, туку и дружењето што го стекнуваме. Како волонтер имам учествувано на повеќе акции“ – вели Николова.

Во оваа прилика се упати покана до сите млади кои сакаат да се вклучат во волонтерството, да се дружат и да придонесуваат за околината и животната средина.

Лаура Стојанова М-Нет