
Во сабота ќе се одиграат натпреварите од последното есенско коло во Втората лига, кои ќе се играат пред празни трибини по одлука на комисијата за натпреварување на ФФМ, а на барање на МВР, поради неодамнешните случувања и спречување на било каков вид на насилство и недолично однесување пред, за време и по одигрување на фудбалските натпревари.
Публиката ќе се враќа дури за натпревари во пролетниот дел, односно во 16. коло, а М Нет телевизија ќе ви овозможи два телевизиски преноси од 15. коло на Втората лига.
На М Нет телевизија ќе може да го следите натпреварот меѓу Беласица и Македонија ЃП, струмичката фудбалска гордост со млади играчи ќе се обиде да ги изненади „лавовите“ кои се лидери на табелата, но и први фаворити за првото место и експресно враќање во Првата лига.
Разликата го квалитетот е голема, Македонија ЃП има играчи кои имаат големо искуство и во странство, но и како поранешни репрезентативни, додека пак за Беласица и бод ќе биде голем успех.
Преносот од Струмица на М Нет телевизија ќе започне во 13 часот.
На спортскиот канал М Нет Спорт ќе може да го следите натпреварот од Прилеп каде на стадионот „Гоце Делчев“ ќе се соочат Победа и Детонит Плачковица. Минатата сезона Победа беше таа која прва му откина бодови на Детонит во Радовиш, а дома славеше против радовишани. Прилепчани се во ситуација каде трите бодови им се потребни за излез од резултатската криза во одново неизвесната сезона за опстанок.
Детонит Плачковица е искусен тим, кој според квалитетот ќе биде фаворит на овој меч за трите бодови, но и да врати за ланскиот пораз во Прилеп.
Натпреварот од Прилеп стартува во 13 часот, а преносот ќе може да го следите на спортскиот канал М Нет Спорт.
Александар Ванев, М-Нет