Започна ревакцина со кинески „Синофарм“ во салата „Јордан Мијалков“ во Штип

Намалениот број на граѓани кои чекаат да бидат вакцинирани пред вакциналниот пункт во Штип, се должи на фактот што денеска нема редовна вакцина за оние кои се пријавиле на веб страната вакцинација.мк. По неработниот продолжен викенд денеска во салата „Јордан Мијалков“ во Штип започна ревакцинација на граѓаните со кинеската вакцина „синофарм“. Со оглед на фактот дека се ревакцинираше повозрасното население, немаше голем одзив на граѓани кои треба да примат втора доза вакцина.

„Во текот на вчерашниот ден пристигнаа пет илјади нови дози од вакцината „Синофарм“, денеска се врши ревакцинација на пациенти кои што веќе беа закажани преку „Мој термин“ и исклучиво денекса и оваа недела имаме најава дека ќе оди ревакцина на веќе вакцинираните пациенти“ – истакна Иле Постолов, заменик координатор за вакцина.

Ревакцинацијата продолжува и во текот на наредните неколку денови, а лицата кои имаат закажано термин на вакцинација.мк ќе примат прва доза вакцина откако за тоа зелено светло ќе дадат од Министерство за здравство.

Од утре вакциналниот пункт во Штип ќе работи во две смени. Во меѓувреме заврши ревакцинацијата во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип со вакцината на „Фајзер“. И Во општините од регионот во тек е ревакцинација, а вакцини се подигнуваат од салата од Штип. Во текот на недела се очекува да пристигне и нов контигент на вакцини. Процесот на имунизација на ниво на целата држава се одвива непречено информираше Министерот за здравство Венко Филипче, а бројот на лица кои примиле барем една доза вакцини поголем во споредба со новоинфицирани пациенти.

Лаура Стојанова М-Нет