Започна поплочувањето во автентичен стил на улиците во штипско Ново Село

Улицата Крсте Мисирков во штипско Ново Село ќе се поплочи со камени плочи во автентичен стил. Активностите на терен за реализација на проектот започнаа денеска со што се предвидува да се отстрани веќе постоечката коцка и улицата да добие нов изглед. Освен главната улица предвидено е во автентичен стил да се уредат и краците од оваа улица, а проектот е во вредност од 6,5 милиони денари.

„Започнува проектот за поплочување на главната улица Крсте Мисирков со камени плочи во автентичен изглед. Вкупната инвестиција е 6,5 милиони денари преку ИПР и Бирото за регионален развој. Станува збор за проект кој во изминатата година го аплициравме и почнуваме со реализција. Со истиот ќе се опфатат и краците со што би се добил посакуваниот изглед на Ново Село.“ – вели Јораднов.

Целосно нов изглед штипско Ново Село ќе добие и со реконструкција на Бањата Кежовица како и изворот Л`џи. Јорданов во оваа прилика истакна дека на овие проекти ќе се работи со прекугранична соработка со општини од соседна Бугарија.

„Во комуникација и прекугранична соработка со општини од Бугарија веќе ги разгледуваме можностите за прекугранична соработка за реализација на други проекти поврзани со Ново Село. Се однесуваат на реставрација на куќите кои се во наша сопственост, бањата Кежовица, изворот Л`џи.“ – додава Јорданов.

Предвидениот рок согласно проектот за завршување на улиците е во наредните три до четри месеци со што штипско Ново Село ќе добие автентичен изглед. Јорданов посочи дека се чека одобрување и на проектот од ИПР за поставување на фотоволтаици на покривите на неколку институции под Локална власт во Штип.

Лаура Стојанова М-Нет