Започна изборната кампања, на 19 октомври ќе се гласа во 80 општини, за 309 кандидати за градоначалници

За 309 кандидати за градоначалници во 80 општини во државата, денеска започна изборната кампања.

Партиите и независните кандидати денеска на првиот ден од кампањата за Локалните избори 2025 започнуват со официјалните претставувања пред гласачите. Изборната кампања започна денеска и ќе трае до 17 октомври на полноќ по што следува 24-часовен молк пред гласањето на 19 октомври (втор круг 2 ноември). Освен на терен меѓу и со поддржувачите, кампањата е веќе започната и на социјалните мрежи.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.

Право на глас на Локалните избори 2025 имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 се во земјава додека останатите 112.000 се запишани во посебниот избирачки список со лица кои се одјавиле и се на привремена работа и престој во странство, 2.162 гласачи кои се на издржување казна затвор или притвор и 450 гласачи кои ќе остварат гласачко право во старските домови. Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас.

Најдоцна една недела пред изборите (до 10 октомври) болните и изнемоштените кои сакаат да гласаат дома треба да достават барања до Општинските изборни комисии со соодветна документација. Избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, а кои сакаат да гласаат, преку овластен полномошник треба да ја известат ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање (14 октомври). Гласањето за нив, како и немоќните и болните, за затворениците и лицата во старските домови избирачките одбори го спроведуваат на ден пред изборите односно на 18 октомври.

Во Општините од Истокот најмногу кандидати за градоначалник има во Општина Кочани, каде за градоначалничката фотелја ќе се борат шестмина. Интересно е што за овие избори има поднесено и доста советнички листи, како во поголемите така и во руралните средини. На пример во Општина Чешиново – Облешево за девет слободни советничк места има поднесено осум советнички листи.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет