
Во завршна фаза изградбата на конзолите спроти општинската зграда. Според градоначалникот Јорданов, до март месец целиот потег од градската црква до основното училиште „Ванчо Прќе“ ќе добие конзоли и ограда. Се работи на првата фаза од проектот, која е наследена од претходната власт, а како што вели Јорданов, за понатамошната изградба се одвоени средства од буџетот на Општина Штип за 2022 година.
„Веќе сме во завршна фаза на реализација на првиот дел од проектот за конзоли на река Отиња. Денес и во наредните неколку дена ќе се доработуваат последните неколку финеси на тротоарската површина. Веднаш потоа ќе распишеме јавен повик за доградба на делот на првата фаза од конзолите којшто не е направен, односно не влегува во првичниот проект, тоа е делот пред хотел „Урбаниста“. За истиот дел ќе распишеме нов тендер за доградба. Според проценките вредноста на овој дел ќе биде околу три милиони денари, а веднаш потоа ќе распишеме и повик за продолжување на втората фаза од конзолите, којашто ќе го опфати делот од Гимназијата „Славчо Стојменски“ до училиштето „Ванчо Прќе“. Тоа е втората е втората фаза којашто има проценета вредност од 4,5 милиони денари. Тоа се средства коишто ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Штип“, истакна Јорданов.
За оградата, пак, која се предвидуваше уште од претходно да се постави, во фаза е избор на компанија – изведувач која ќе ја постави на овој потег сѐ до Економскиот факултет.
„Исто така, во постапка сме на избор на фирма којашто веднаш по завршувањето на оваа фаза за проектот конзоли, ќе постави заштитна ограда и од десната страна на река Отиња, од црквата „Св. Никола“ до Економскиот факултет. Тоа ќе се реализира во наредните недели и месеци и мислам дека со завршувањето на овие фази овој дел од градот ќе добие нов лик. Ова е идеја којашто ние како нова локална власт ја затекнавме и ја реализираме, одвојуваме средства, затоа што е во интерес на градот“, додаде Јораднов..Изјава од 01:31 (исто така) до 02:37 (градот)
Како што најави Јорданов, во наредната година во буџетот ќе се предвидат финансиски средства за реализација на целосниот проект за конзоли на река Отиња. Во однос на временскиот рок за она што е предвидено за оваа година, Јорданов кажа дека се надева оти до крајот на март оградата ќе биде поставена, а конзолите изградени до училиштето „Ванчо Прќе“. Како што додаде тој, иако идејата и проектот се наследени, сепак реализацијата и финансирањето се од новиот состав, а проектот ќе се продолжи и во трета и четврта фаза.
Со конзолите предвидено е да се прошират улиците во овој дел од градот со цел полесно и побезбедно одвивање на сообраќајот.
Ребека Спасова М-Нет